Статут на Општина Виница - страна18
- Hits: 66796
Article Index
VII Сопственост на Општина Виница
Член 96
Сопственоста на општината ја сочинуваат неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.
Сопственоста општината ја стекнува од сопствени извори на приходи, по пат на финансирање од граѓаните или со нивно учество на друг начин, од подароци и по други основи.
Член 97
За купување, отуѓување и оптоварување на сопственоста на општината одлучува Советот на општината.
Отуѓување на сопственоста на општината се врши само по пат на јавно наддавање, согласно Закон.
Продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност.
Средствата добиени од продажбата на стварите може да се инвестира само за стекнување на нови или реконструкција на постојни ствари во сопственост на општината.
Член 98
Општината ја евидентира својата сопственост и нејзината проценка се искажува во годишната сметка.
Член 99
Стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со Закон.
Член 100
Општината се финансира од сопствени извори на приходи, локални даноци, надоместоци и такси утврдени со Закон, дотации од државата и други извори на приходи утврдени со Закон.
Општината во рамките на своите надлежности, самостојно располага со сопствените извори на приходи.
Член 101
Приходите и трошоците на општината се утврдуват со Буџетот на општината.
Буџетот на општината содржи биланс на приходи и трошоците на Буџетот, а се однесува за фискална година од 12 (дванаесет) месеци која почнува од 1-ви јануари, а завршува на 31-ви декември од секоја календарска година.
Член 102
Предлогот на Буџетот на општината го утврдува Градоначалникот и го доставува до Советот на општината за донесување не подоцна од средината на месец ноември.
Советот на општината не може да го разгледува предлогот на Буџетот на општината пред истекот на 20 (дваесет) дена од денот на доставувањето до советниците на Советот на општината.
Член 103
За секоја промена на Буџетот на општината, за дополнително усвоени трошоци пропратено со мерки што ќе ги зголемат предложените приходи или ќе ги намалат другите трошоци во сразмерен износ, Одлука донесува Советот на општината.
Член 104
За покривање на непредвидените барања за трошоци кои ќе се појават во текот на Буџетската година, од вкупните тековни и капитални трошоци се издвојува Буџетска резерва во висина утврдена со Закон.
За користење на средствата од Буџетската резерва одлучува Советот на општината по предлог на Градоначалникот на општината.
Советот на општината со Одлука може да го овласти Градоначалникот за начинот на користење на Буџетската резерва.
Член 105
До колку Буџетот на општината за наредната година не биде донесен до 31-ви декември во тековната година, ќе се постапи согласно Законот за буџетите и се воведува времено финансирање и тоа најдолго за 3 (три) месеци.
Член 106
На крајот на секоја фискална година се изготвува Годишна сметка на Буџетот на општината.
Годишната сметка на Буџетот, Советот на општината треба да ја усвои најдоцна до 15-ти март во тековната година, за претходната година.
Член 107
Извршувањето на Буџетот на општината го врши Градоначалникот, а поконкретно се уредува со Одлуката за извршување на Буџетот на општината.