Статут на Општина Виница
- Hits: 62474
Article Index
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
СТАТУТ НА ОПШТИНА ВИНИЦА
Бр. 07-906
03.09.2010 год.
ВИНИЦА
I. Основни одредби
Член 1
Општината Виница (во понатамошниот текст општина) е единица на локална самоуправа, во која граѓаните го остваруваат правото на локалната самоуправа.
Правото на локалната самоуправа се остварува преку претставници во органите на Општината и со непосредно учество во одлучувањето.
Член 2
Граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано место на живеење на подрачјето на Општината, се жители на Општина Виница.
Подрачјето на Општината е утврдено со Закон и ги опфаќа подрачјата на населените места градот Виница и селата: Блатец, Липец, Градец, Лаки, Лески, Пеклани, Крушево, Драгобраште, Трсино, Трстија, Грлани, Калиманци, Виничка Кршла, Црн Камен, Јакимово и Истибања.
Член 3
Општината Виница е правно лице.
Член 4
Седиштето на Општината е во Виница ул.„Бел Камен“ бб.
Член 5
Општината има право на сопственост на неподвижни и подвижни ствари, парични средства и права.
Член 6
Општината има грб, знаме, свечена песна-химна.
Општина Виница има грб кој ја претставуваат нејзините историски, културни, стопанско економски и еколошки карактеристики.
Грбот на општина Виница има форма на отсечен штит или германска форма.
Амблемот има хералдички фигури и тоа: 1/4 од висината на подножјето на левата страна бојадисано со зелена боја, а нехералдички фигури (од природата) на зелената површина е поставен жолт грозд 1/8 од висината, на 2/3 од висината е нанесена силуетата на археолошкиот локалитет „Кале“ во црвена боја, на 1/8 од висината на грбот централно е поставен „Константиновиот крст“ со големина 1/4 во жолта контура и црвена испуна, тополите се со иста големина како и крстот во зелена боја поставени на десната хералдичка страна централна во однос на хоризонталата од крстот, сонцето е содржано во ширината на грбот на 1/8 од висината во жолта боја, позадината од силуетата на „Калето“ е во сина боја.
Во горниот дел од грбот во форма на лента е испишано името на градот.
Бои на грбот: црвена, зелена, сина, жолта.
Грбот на Општина Виница се утврдува со Одлука на Советот на Општина Виница.