Павловден 2026

Почитувани виничани, драги сограѓани,
нека ни е честит и за многу години Павловден – празникот на нашиот град! Нека Светите апостоли Петар и Павле бидат наши духовни патокази, нека ни даруваат здравје, мир, благосостојба и меѓусебно разбирање во секој дом. Денешното чествување го започнавме со свечена архиерејска литија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Брегалнички г. Иларион, по што беше извршено кршењето на славскиот колач пред параклисот на плоштадот „Ангел Винички“. Прославата продолжи со Свечената седница на Советот на Општина Виница, на која им оддадовме заслужено признание на најдобрите. Доделивме благодарници и ваучери на првенците на генерацијата, како и посебни признанија на професионалците кои секојдневно, со својата посветеност и пожртвуваност, се грижат за здравјето, безбедноста и сигурноста на нашите граѓани и за заштитата на материјалните добра. Павловден е повеќе од празник – тој е симбол на нашето единство, традиција и заедничка надеж за подобра иднина. Нека нè обединува околу вистинските вредности – верата, заедништвото, солидарноста, меѓусебната почит и стремежот кон напредок. Со заедничка работа, меѓусебна доверба и љубов кон нашиот град, ќе продолжиме да ја градиме Виница како место со повеќе можности, нови успеси и подобар квалитет на живот за сите. На Свечената седница на Советот на Општина Виница им оддадовме признание на учениците, професионалците и организациите кои со својата посветеност, знаење и работа се пример и гордост на нашата општина.
Благодарници и ваучери за првенци на генерацијата (2022–2026):
1.Клара Костадиновска – првенец на генерација во гимназиското образование во СОУ „Ванчо Прке“ – Виница;
2.Леонард Митев – првенец на генерација во стручното образование во СОУ „Ванчо Прке“ – Виница;
3.Благој Бојаџиски – првенец на генерација во ООУ „Гоце Делчев“ – Виница;
4.Ива Богданова – првенец на генерација во ООУ „Славчо Стојменски“ – Виница;
5.Илина Момчиловска – првенец на генерација во ООУ „Кочо Рацин“ – с. Блатец;
6.Мила Стоименова – првенец на генерација во ООУ „Никола Парапунов“ – с. Драгобраште.
Посебни признанија и ваучери добија:
1.Кирчо Атанасов – најдобар полицаец за 2025/2026 година;
2.Перса Герасимова – најдобро медицинско лице за 2025/2026 година;
З.Зоран Цонев – најдобар пожарникар за 2025/2026 година;
4.Ванчо Лазаров, Јонче Атанасов и Предраг Савов – за особена посветеност и професионалност во извршувањето на работните обврски.
1.Плакета за значаен придонес во заштитата и унапредувањето на животната средина беше доделена на граѓанската иницијатива „Зелен чекор“.
2.Плакета му беше доделена и на Давид Спасов, за освоено прво место и стекнато звање државен првак на Државниот натпревар по германски јазик, како признание за неговиот врвен успех, посветеноста, знаењето и достоинственото претставување на Општина Виница.
По свечената седница, одбележувањето на Павловден продолжи со промоцијата на книгата „Несреќен случај или атентат“ од авторот Славчо Десподов. За ова значајно дело зборуваше промоторот Сотир Костов, кој со бројни факти, аргументи и историски осврти ја доближи содржината на книгата до присутните. Во духот на празникот и грижата за идните генерации, денот го заокруживме со свечено пуштање во употреба на целосно реновираниот спортски терен во ООУ „Гоце Делчев“ – Виница. Со симболично сечење на свечената лента означивме почеток на користењето на овој значаен проект, кој неодамна беше целосно завршен и претставува инвестиција од непроценливо значење за учениците, младите и сите наши сограѓани. Нека Павловден остане симбол на единството, традицијата и напредокот. Со заеднички труд ќе продолжиме да создаваме подобри услови за живот, да инвестираме во образованието, спортот, културата и развојот на нашата Виница. Нека ни е честит и за многу години Павловден!