
Градоначалникот на Општина Виница Миле Петков на 16 мај, во Министерството за животна средина и просторно планирање, со градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, директорите на двете комунални претпријатија „Солидарност“ од Виница и „Водовод“ од Кочани и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, го потпишаа договорот за проектот „Поврзување на Виница со Пречистителната станица за отпадни води во Кочани“.
Проектот вклучува делумна рехабилитација и проширување на канализацискиот систем и системот за атмосферска вода во Општина Виница, со што ќе се реши и поврзувањето на Виница со Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци и на кочанските населени места Грдовци и Прибачево. Средствата за реализација на проектот се обезбедени од програмата ИПАРД 3, преку Секторот за спроведување на ИПА во Министерството за животна средина.